Браунфилд инвестициите стануваат се' поинтересни за странските компании, што на повеќе неразвиени општини треба да им донесе поголем број вработувања и заживување на економијата. Забрзано течат активностите на оние компании што веќе решија да инвестираат во некогашните фабрички објекти во земјава и да започнат со производство. Како што објаснува директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, ДТИРЗ, Виктор Мизо, моментално се опремуваат погоните на германската ОДВ „Електрик“, која до крајот на август треба да започне со работа во адаптираниот објект во Охридско, каде што ќе произведува електрични инсталации за автомобили. Првата група од 30 лица, кои ќе работат во оваа компанија веќе ја завршија обуката во Украина, а наскоро ќе се испрати и следната група работници. Оваа инвестиција треба да изнесува 15 милиони евра и да се вработат вкупно 1.000 лица...
Браунфилд инвестициите стануваат се' поинтересни за странските компании, што на повеќе неразвиени општини треба да им донесе поголем број вработувања и заживување на економијата.
Забрзано течат активностите на оние компании што веќе решија да инвестираат во некогашните фабрички објекти во земјава и да започнат со производство. Како што објаснува директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, ДТИРЗ, Виктор Мизо, моментално се опремуваат погоните на германската ОДВ „Електрик“, која до крајот на август треба да започне со работа во адаптираниот објект во Охридско, каде што ќе произведува електрични инсталации за автомобили. Првата група од 30 лица, кои ќе работат во оваа компанија веќе ја завршија обуката во Украина, а наскоро ќе се испрати и следната група работници. Оваа инвестиција треба да изнесува 15 милиони евра и да се вработат вкупно 1.000 лица.
Исто така, и американската „Ки сејфт системс“ треба наскоро да почне со производство на безбедносни системи за автомобили во реновираната фабрика на „ЕМО“ во Кичево, а завршена е и обуката за работниците во Романија. Инвестицијата треба да изнесува вкупно 20 милиони евра и да се вработат 1.000 лица.
„Се' повеќе странски инвеститори се одлучуваат за овие, таканаречени, браунфилд инвестиции, во објектите на некогашните фабрики, а плановите им се потоа да се лоцираат и во некоја од индустриските зони каде ќе градат нова фабрика. Тоа веќе го стори „Џонсон контролс“ со втората фабрика во Штип“, вели Мизо. Тој додава дека овој вид на инвестиции се исклучително добри за развој на економиите во помалите општини, посебно за зголемување на вработеноста и дека ефектите веднаш се чувствуваат.
Според Мизо, во тек се преговорите со повеќе странски компании, најмногу од Германија, Америка и Италија, прво да инвестираат според браунфилд, а подоцна и по гринфилд моделот. Се очекува дека многу скоро ќе дојде и до конкретна реализација на некоја од овие инвестиции. Засега, најголемата најавена инвестиција што треба да се оствари до крајот на годинава е на кинеската текстилна компанија „Веибо“ во зоната во Ранковце, каде што треба да се вработат 5.000 лица.
Според Агенцијата за странски инвестиции и домашни компании, пред се' од скопскиот и од јужниот дел од земјава, се заинтересирани за браунфилд инвестиции, а најголем е интересот за стари капацитети во Гевгелија и во Струмица. На владината листа, објавена лани летото се наоѓаат 400 објекти, цели комплекси или делови од поранешни компании, фабрички хали, сали, магацини, деловни згради и туристичко-сместувачки капацитети, хотели, ресторани, одморалишта и друго. Има и земјоделските капацитети и оранжерии, делови од комбинати, производствени површини и слично. Станува збор за простор за над 1.700.000 метри квадратни, а со вкупната површина со дворовите, земјоделски површини, градежните земјишта и слично, вкупната површина што им се нуди на инвеститорите е над 4.500.000 квадратни метри. Меѓу попознатите некогашни капацитети се : охридските „ЕМО“, „Застава“ , „Езерка“ и „Отекс“, АДГ „Маврово“, „Порцеланка“ од Велес, „Металка“- Кичево, хотел „Македонија“- Берово, Одморалиште „Стар Дојран“, хотел „Фламенго“, МЗТ „Пумпи“ од Берово, „Огражден“, „Фабрика за кабли“, „Леснина“, „Бујото“...фабриката за акумулатори од Пробиштип, „Јака Табак“ од Радовиш, „Фротирка“ од Делчево, „Македонка“ од Штип, „Македонија“ - Неготино, скопски „Хемтекс“...
Инаку, извоз од слободните економски зони во првите шест месеци од годинава достигна над половина милијарда евра или 550 милиони евра, што е двојно повеќе во однос на првите шест месеци од лани.
Тоа најмногу се должи на фактот што има нови компании кои работат во зоните, како што се „Ван хул“ , „Џонсон контролс“ во „Штип“ и втората фабрика на „Џонсон мети“, но и зголемениот обем на производство на „Кемет“ во првото полугодие од оваа година во споредба со минатата.
„Џонсон мети“, како најголем извозник, секој месец го зголемува своето производство и го урива својот рекорд од претходниот месец во однос на извозот. Во првите четири месеци извозот од слободните зоните достигна 350 милиони евра, што директно влијае врз бруто домашниот производ. Според Мизо, до крајот на годинава вредноста на извозот од слободните економски зони се очекува да надмине 1,2 милијарди евра.